АНКАРА (АА) – Помошта во оружје за Украина мора да се засили бидејќи сегашната војна ќе одлучи за самата иднина на слободата во Европа, изјави денеска претседателот на Украина, Владимир Зеленски, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Ние сме благодарни за помошта што веќе ја добивме, но снабдувањето со оружје треба да се засили. Бидејќи на бојното поле во Украина се одлучува дали слободата во Европа ќе биде зачувана за сите, без исклучок“, изјави Зеленски во обраќањето на Форумот во Братислава, главниот град на Словачка.

Истакнувајќи ја волјата на Украина да се приклучи на Европската Унија, Зеленски рече дека еден од мотивите за „обединување“ на украинскиот народ за време на војната е надежта за членство во ЕУ.

„Треба да го зајакнеме единството на Украина со обезбедување на Украина кандидатски статус во Европската Унија, а подоцна и полноправно членство“, рече тој.

„Членството на Украина во ЕУ нема да се реши за еден ден или месец“, рече тој, додавајќи: „Но, сега еден од мотивите за обединување на нашиот народ и стекнување доверба дека Европа нè смета за рамноправен партнер, како моќен партнер е кандидатскиот статус за членство во ЕУ.“

Поздравувајќи го шестиот пакет санкции на ЕУ за Русија, Зеленски рече дека тоа е „задоволство“ и дека треба „итно да се спроведе во практика“.

Тој, исто така, ја повика Унијата да продолжи со седмиот пакет.

Минатиот месец, министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, рече дека седмиот пакет треба директно да го таргетира рускиот извоз, бидејќи украинската економија претрпе повеќе од војната, која започна на 24 февруари, отколку Москва од санкциите.

Според проценките на ОН, најмалку 4.113 цивили се убиени и 4.916 повредени во Украина од почетокот на војната, а се верува дека вистинската бројка е многу поголема.

Над 6,8 милиони луѓе побегнале во други земји, додека повеќе од 7,7 милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.


Anadolu Agency