Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека земјите од Советот за соработка во Персискиот залив (ГЦЦ) нема да му се придружат на Западот во воведувањето санкции кон Москва поради конфликтот во Украина, пренесува Ал Арабја њуз. „Аспектите на меѓународната ситуација, кои се поврзани со настаните на Западот околу Украина, добро ги разбираат нашите партнери од земјите на Советот за соработка во Персискиот залив“, рече Лавров на прес-конференција за време на посетата на Саудиска Арабија.

„Го цениме и потврдуваме денес дека сме благодарни за урамнотежениот став што го заземаат по ова прашање на меѓународните форуми и во практиката одбиваат да се приклучат кон нелегитимните, еднострани западни санкции наметнати на Русија“, додаде рускиот министер. САД и ЕУ воведоа остри санкции кон Русија откако рускиот претседател Владимир Путин нареди напад врз Украина на 24 февруари. Во меѓувреме, земјите од Персискиот залив повикаа и продолжуваат да повикуваат на дипломатски решенија.

Саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, му рекол на Лавров дека неговото кралство е подготвено да вложи дипломатски напори за да помогне во решавањето на конфликтот. Лавров во Ријад се сретна со претставници од министерствата за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Катар, Бахреин и Оман. Рускиот дипломат рече дека Москва и земјите од Заливот имаат намера дополнително да го развиваат своето партнерство и покрај зголемените тензии меѓу Русија и САД.