Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе пристигне во Турција на 8 јуни, а во неговата делегација ќе има и воен персонал, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Извор од руското Министерство за надворешни работи изјави за медиумите дека се планирани „посети на повеќе земји“, меѓу кои и Турција, без да ја прецизира темата на средбата. Транспортот на украинското жито би можело да биде една од темите за кои Лавров планира да разговара во Турција, шпекулира рускиот медиум Ведомости.
За време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на 30 мај, рускиот претседател Владимир Путин рече дека Москва е подготвена да го олесни извозот на жито доколку рутите на Црното Море бидат исчистени од мини. Од почетокот на војната во Украина, Турција се позиционираше како „неизбежен посредник“. Анкара одржува добри односи со Москва, Киев, но и со Западот, па веројатно ќе може конструктивно да учествува во решавањето на проблемот со извозната блокада, тврди за руските медиуми аналитичарот Амур Гаџиев. Што се однесува до посетата на Лавров, тој тврди дека ќе се разговара за воени прашања, но не и за извоз на оружје. Наместо тоа, фокусот ќе биде ставен на геополитичката ситуација во Сирија, Украина и Нагорно Карабах, додаде тој. Според експертите, Сирија во моментов е најважна тема за Турција.










