Пловечките мини поставени од Украина во Црното Море се една од најлошите пречки за транспорт на жито од Одеса, предупреди денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Во интервју за новинската агенција Анадолија Чавушоглу, потврди дека „мините што ги поставиla Украина во областа Одеса се една од пречките за безбеден транспорт на жито“, пренесува ТАСС. – Друга причина се санкциите за руските бродови – нивното осигурување, како и неможноста да се опслужуваат во меѓународните пристаништа – рече тој и посочи дека меѓу Москва и Киев во овој контекст има сериозни нерешени проблеми.
– Украина не сака руски бродови да влезат во Одеса, додека Русија не сака други бродови да го користат овој коридор за испорака на оружје за Украина. И двете страни бараат доверба и гаранции – изјави Чавушоглу и потсети дека Украина ветила дека ќе го исчисти морето од мини за „една или две недели“ за испораката повторно да биде безбедна. Министерот за надворешни работи на Турција посочи дека е неопходно да се создаде механизам меѓу Русија и Украина за да се реши овој проблем. Анкара предлага механизмот да се воспостави во рамките на ОН и е подготвена да учествува во него.
Турција, исто така, откажа серија воени вежби на НАТО поради одредбите на Конвенцијата од Монтре за забрана на воени бродови во Црното Море. Чавушоглу изјави дека Турција претендира да биде посредник меѓу Русија и Украина и затоа нема намера да се приклучи кон санкциите против Русија, пренесува весникот „Известија“, повикувајќи се на агенцијата Анадолија. Конвенцијата Монтре е усвоена во 1936 година, и го регулира преминувањето и престојот на воените бродови на земјите што не се на Црното Море во Црното Море. Во итни случаи, Турција има право да го забрани минувањето на воените бродови низ Босфорот и Дарданелите.










