Европската унија ќе воведе нафтено ембарго против Русија, но со значителни играничувања поради отпорот од Унгарија. И покрај тос, претседателот на Советот на ЕУ говори за максимален притисок врз Русија.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во разговор со францускиот претседател Емануел Макрон на самитот на ЕУ во Брисел

Државите членки на ЕУ се договорија за компромисно решение во спорот за планираното ембарго на руската нафта. Повеќе од две третини од испораките на руска нафта во ЕУ би требало да бидат погодени од забраната за увоз, објави претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел за време на состанокот на самитот во Брисел во изминатата ноќ.

Белгискиот политичар  во објава на Твитер говори за „максимален притисок врз Русија“ да ја прекине војната против Украина.

Нема повеќе нафта по морски пат

Според дипломатите, компромисот предвидува, на инсистирање на Унгарија, најнапред да биде блокирана само испораката на руска нафта по морски пат. Транспортот преку постоечките нафтоводи ќе продолжи да биде возможен.  Унгарија на тој начин ќе може да продолжи да добива руска нафта по копно преку огромниот нафтовод Дружба.

На тој нафтовод се поврзани и рафинериите во источна Германија, Полска, Словачка и во Чешка. Германија и Полска, меѓутоа, веќе ставија до знаење дека не сакаат да профитираат од исклучоците кои важат за транспортот на руска нафта преку нафтоводот. Со откажувањето на Германија и на Полска, Русија следната година би можела да продаде само една десетина од вообичаеното количество нафта што досега од земјата доаѓа во Европската унија. Така, Русија со тоа треба да биде казнета за војната против Украина, која трае повеќе од три месеци.


„DW“