Руските војници влегоа во предградието на украинскиот град Северодонецк, изјави во понеделникот регионален гувернер, опишувајќи ги борбите како „многу жестоки“ во градот што стана клучна цел за офанзивата на Москва во Донбас.

 

Во гранатирање загинаа двајца цивили, а се ранети уште пет додека руските војници напредуваа во југоисточните и североисточните области на градот, изјави гувернерот на регионот Луганск, Серхи Гајдаи.

Непрестајното гранатирање ги остави украинските сили да ги бранат урнатините во Северодонецк, но нивното одбивање да се повлечат ја забави масивната руска офанзива низ регионот Донбас, во источна Украина.

„Околу 90 отсто од зградите се оштетени. Повеќе од две третини од станбениот фонд на градот е целосно уништен. Нема телекомуникации“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски, во телевизиски говор.

„Заземањето на Северодонецк е основна задача за окупаторите… Правиме се што можеме за да го одржиме овој напредок“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во неделата рече дека „ослободувањето“ на Донбас, индустриски регион кој ги опфаќа Луганск и Доњецк, е „безусловен приоритет“ за Москва.

Украинските сили во Донбас соопштија дека во неделата биле во дефанзива цел ден. Руските сили пукале врз 46 заедници во регионите на Доњецк и Луганск, при што загинаа најмалку тројца цивили, ранија уште двајца или уништија или оштетија 62 цивилни згради.

Руското гранатирање продолжи и во неделата низ неколку региони, како што се Нови Бух во Миколаев и Суми.

Лидерите на Европската унија ќе се состанат во понеделник и вторник за да разговараат за новиот пакет санкции против Русија, вклучително и ембарго за нафта.

Владите на ЕУ не можеа да се договорат за шестиот пакет санкции против Москва ,бидејќи предложеното ембарго на руската нафта не е прифатливо за Унгарија и е голем проблем за Словачка и Чешка.

Пред самитот, германскиот министер за економија Роберт Хабек, изрази стравување дека единството на ЕУ „почнува да се распаѓа“ и нацрт-заклучоците од состанокот, видени од „Reuters“, покажаа дека ќе има малку во однос на нови одлуки.

Но, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека „на крајот ќе има договор“, со договор за следниот пакет санкции до понеделник попладне.

Исто така, француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона, ќе се сретне со Зеленски, во Киев, денес подоцна, за да понуди поголема поддршка за земјата, соопшти француското Министерство за надворешни работи.


„Reuters“
„Dubai-Portal“