Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис не постои за него по неговите критики за Турција за време на официјалната посета на Соединетите држави.
По претседавањето со владината седница во турскиот главен град Анкара, Ердоган изјави дека Анкара го откажува состанокот на Стратешкиот совет со Атина поради изјавите на грчкиот премиер против Турција. Изјавите на Кирјакос Мицотакис во американскиот Конгрес минатата недела наидоа на критики од Турција. „САД веројатно ќе одлучат да го продадат Ф-16 на Турција без потреба да се консултираат со грчкиот премиер“, додаде Ердоган.
Додека беше во Вашингтон, Мицотакис се спротивстави на купувањето од Турција на 40 борбени авиони Ф-16 и околу 80 комплети за модернизација за постоечките воени авиони. Кога станува збор за националната безбедност, Ердоган најави чекори за комплетирање на недостатоците од претходните операции насочени кон воспоставување безбедни зони на длабочина од 30 километри долж јужната граница на Турција. Тој рече дека регионите долж турската граница од кои беа извршени напади и провокации на територијата на Турција и безбедната зона, ќе бидат приоритет во спроведувањето на новите операции.
Претседателот на Турција најави официјален почеток на процесот со цел испраќање турски државјанин на Меѓународната вселенска станица, во рамки на националната вселенска програма. – Еден од двајцата кандидати ќе биде испратен на Меѓународната вселенска станица во 2023 година, по завршувањето на потребната обука во рамките на националната вселенска програма на Турција – изјави тој.
Тој додаде дека е финализирана сеопфатната програма за одбележување на стогодишнината од Републиката, под координација на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство. За руско-украинската војна, Ердоган рече дека Турција и дала најзначајна, конкретна и најкорисна поддршка на Украина, нагласувајќи дека Анкара отворено го отфрла нападот врз територијалниот интегритет и суверенитет на оваа земја. – Храбро и го изразивме нашиот став на Русија на сите нивоа и платформи каде што сме во контакт со нив – рече Ердоган. Тој посочи дека Турција вложила најискрени напори, прво за прекин на огнот, а потоа за траен мир во регионот, одржувајќи ги политичките и хуманитарните врски со Москва. Зборувајќи за одбивањето на Турција да ги одобри кандидатурите на Финска и Шведска за НАТО, освен ако земјите не заземат цврст став против тероризмот, Ердоган изјави: -Доколку земјите апликанти за членство во НАТО погледнат во своето минато, ќе видат дека ние дадовме голем придонес за нив против заканите кои доаѓаат од исток. Нашиот пристап кон проширувањето на НАТО не произлегува од нетрпеливост или непријателство, туку од нашиот принципиелен став во борбата против тероризмот. Тој додаде дека Анкара ги смета сегашните антитурски пристапи во Шведска и Финска за неприфатливи, истакнувајќи дека пред само неколку дена терористичките групи ПКК/ЈПГ и ДХКП-Ц маршираа низ улиците на Стокхолм со постери на кои беа претставени нивните водачи. „Финска и Шведска треба да изберат помеѓу давање де факто и политичка поддршка на терористичките групи или да чекаат Турција да се согласи за нивното членство во НАТО“, рече тој.
Повеќе од 35 години ПКК, која е прогласена за терористичка организација во Турција, САД и Европската унија, е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени, деца и стари лица. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.









