Грција синоќа упати официјална жалба до Турција по, како што соопшти, „невиденото кршење на грчкиот национален суверенитет од два турски борбени авиони“, пренесе агенцијата АФП.

Грчкото Министерство за надворешни работи упати „актуелен и жесток протест“ до турскиот амбасадор во Атина, велејќи дека Турција ги „крши сите основни правила на меѓународното право“. Во него се наведува дека турските борбени авиони „нелегално влегле во нашиот национален воздушен простор и се приближиле до Александрополис на оддалеченост од само 2,5 наутички милји“. Акцијата претставува јасна ескалација на провокативното однесување на Турција, тврди Атина. „Ова ја поткопува кохезијата и итните приоритети на НАТО и претставува јасна закана за Европската унија во критично време, бидејќи пристаништето Александрополис е клучен центар за транспорт на војници и опрема за зајакнување на нашите сојузници. Имено, оваа воена база често ја користи американската војска. Министерството соопшти дека ќе го пријави инцидентот до НАТО, ЕУ и Обединетите нации.

Грција и Турција се соседи и сојузници во воената алијанса на НАТО, но со години ги заладија односите, кои неодамна беа влошени со турските бушења за фосилни горива во Медитеранот во област за која Грција тврди дека е нејзина. Проблем е и спорот за Кипар. Атина редовно ги обвинува турските воени авиони за нарушување на нејзиниот воздушен простор.