Србија ги испочитува санкциите што Европската унија ги воведе кон Белорусија во април поради, како што се наведува во одлуката на Европската унија, „ситуацијата во Белорусија и вмешаноста на Белорусија во руската инвазија на Украина“.

Станува збор за Одлуката 2022/579 на Советот на ЕУ, која беше усвоена на 8 април. Две недели подоцна, на 22 април, на веб-страницата на Советот беше објавено дека Србија, Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина ја почитувале оваа одлука, пренесува порталот European Western Balkans. Како што е познато, ова е втор пат Србија да ги почитува санкциите на ЕУ поврзани со војната во Украина. Во март, таа се усогласи со одлуката на Советот на ЕУ за продолжување на рестриктивните мерки против поранешниот украински претседател Виктор Јанукович и водечките членови на раководството на Украина 2010-2014 година.

Ова беше првпат Србија да се усогласи со санкциите околу Украина, иако тие не се директно поврзани со руската агресија врз оваа земја, која започна на 24 февруари. Досега Србија поддржа три резолуции во Обединетите нации поврзани со војната во Украина – резолуција со која се осудува руската агресија врз Украина, резолуција со која се повикува Русија веднаш да ја прекине војната и исклучување на Русија од Советот за човекови права на ОН. Сепак, српските власти ја отфрлаат можноста Србија да воведе санкции кон Русија поради нападот врз Украина.