Руски Гаспром денес ја извести Финска дека од сабота наутро ќе го прекине снабдувањето со природен гас, објави финската државна компанија за гас Гасум. Гасум одби да му плати на Гаспром за гас во рубљи како што побара Русија од европските земји. „Гаспром експорт го информираше Гасум во петокот попладне, на 20 мај, дека снабдувањето со природен гас за Финска според договорот со Гасум ќе биде прекинато во сабота, 21 мај во 4 часот по Гринич“, соопшти Гасум.
Компанијата ќе продолжи да ги снабдува финските клиенти со гас од други извори преку гасоводот Balticconnector. „Внимателно се подготвивме за оваа ситуација и обезбедивме да нема прекини во мрежата за пренос на гас, ќе можеме да ги снабдуваме сите наши корисници со гас во наредните месеци“, изјави директорот на „Гасум“, Мика Вилјанен. Тој исто така истакна дека е жално што ќе се прекине снабдувањето со гас според договорот.
Гасум веќе предупреди во средата дека Русија би можела да го прекине снабдувањето со гас поради конфликтот околу исплатите на рубљата. Иако најголемиот дел од гасот што се користи во Финска доаѓа од Русија, гасот сочинува само 5 отсто од годишната потрошувачка на енергија во земјата.










