Очигледно Русија почнала да преместува нуклеарни ракети кон финската граница само еден ден откако таа земја објавила дека ќе се кандидира за членство во НАТО – пренесува Дејли Мејл онлајн.
На видеото објавено денеска на руските социјални мрежи се гледаат камиони со балистички ракети Искандер – кои можат да бидат опремени со нуклеарни боеви глави – како се движат по автопатот, наводно кон Виборг на финската граница. „Штом претседателот на Финска рече дека влегуваат во НАТО, целата дивизија на Искандер, седум од нив … се движеше кон Виборг“, вели нараторот во видеото. Откако Финска и Шведска ги објавија официјалните планови да аплицираат за членство во НАТО, руското Министерство за надворешни работи денеска предупреди дека потегот е „тешка грешка“ и дека ќе има „далекосежни последици“.
Виборг се наоѓа на само педесет километри од Финска и околу 200 километри од Хелсинки, што го става главниот град во домет на руските ракети.
НАТО не мирува
Во меѓувреме, НАТО подготвува голема воена вежба во Естонија за да го проба својот одговор на можен напад од Русија. Околу 15.000 војници од 10 различни земји – вклучувајќи ги Финска, Шведска и мал одред од Украина – ќе учествуваат во вежбата наречена „Сиил“ или „Еже“, која ќе се одржи на само 40 милји од најблиската руска база. Вежбата е една од најголемите надвор од Соединетите држави од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, поддржана од дополнителни 900 британски војници распоредени во Талин уште во февруари, пред избувнувањето на војната во Украина.











