Турција не може да каже „да“ за членството на Финска и Шведска во НАТО, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Не можеме да кажеме „да“, бидејќи тогаш НАТО нема да биде безбедносна организација, туку ќе стане место каде што ќе има многу претставници на терористите. Не можеме да кажеме „да“, нека не се лутат“, им изјавил на новинарите Ердоган.
Според него, Турција не може да верува во уверувањата на Финска и Шведска дека нема да ги поддржат терористите. „Морам отворено и искрено да ви кажам: двете земји велат дека се против терористичките организации, што, патем, е сосема спротивно, тие велат дека нема да ги предадат терористите на Турција. Не можеме двапати да газиме на исто гребло. Претходно Грција го напушти НАТО, а потоа повторно се приклучи. Сега го прашувам мојот народ: дали главните земји од Алијансата ја поддржуваат Грција?
Ја поддржуваат. Дали градат бази таму? Како да им веруваме? Шведска е жариште на тероризмот, во нивниот парламент се терористите на Курдистанската работничка партија. Како да им веруваме?“, истакнал Ердоган.
Турскиот претседател им порача на делегациите на Шведска и Финска, кои во понеделник ќе пристигнат во Анкара за да разговараат за процесот на пристапување на двете земји во НАТО, дека нивната посета нема да го промени ставот на Анкара. „Во понеделник ќе дојде во Турција. Ќе дојдат ли да не убедат во спротивното? Нека не се лутат, но нека не се обидуваат. Турција нема да каже „да“ за влез во безбедносната организација за оние земји кои воведуваат санкции против нашата земја. „Нема да ја повториме истата грешка“, нагласил Ердоган.








