Израелската армија денеска соопшти дека новинарката на „Ал Џезира“ била убиена од палестински оган на Западниот Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Првичните проценки покажуваат дека… репортерката на „Ал Џезира“, Ширин Абу Аклех, е убиена од палестински вооружени лица во кампот „Џенин“ додека известувала“, објави портпаролот на Израелската армија Авичај Адраи во твит.

Абу Аклех (51) беше застрелана додека утринава известуваше за рациите на израелските сили во градот Џенин. Уште еден новинар, Али Ал-Самуди, е погоден во грбот, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Во соопштението на „Ал Џезира“ се вели дека новинарката била ладнокрвно убиена од израелските сили.

Убиството на Абу Аклех беше наречено „грозоморно злосторство, кое има за цел да ги спречи медиумите да ја извршуваат својата должност“.

Ал-Самуди претходно изјави дека Абу Аклех и други новинари биле нападнати во близина на училиштето на УНРВА во Џенин додека известувале за рацијата.

„Бевме директно цел на окупаторските сили“, рече тој во изјавите што ги пренесе палестинската државна новинска агенција ВАФА.

„На местото каде што беа присутни новинарите немаше вооружени луѓе, ниту пак судири во таа област“, додаде тој.

На видеата објавени на социјалните мрежи се гледаат како луѓе ја префрлаат новинарката на „Ал Џезира“, која носи заштитен елек, во автомобил.

Во претходното соопштение на израелската војска се вели дека армиските сили започнале кампања во бегалскиот камп „Џенин“ за апсење на барани Палестинци, што укажува на тоа дека новинарката можеби била застрелана од Палестинци кога се судриле со израелските сили, кои „одговориле со оган, без да предизвикаат жртви“.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас претходно го осуди убиството на Абу Аклех, велејќи дека тоа е атентат од страна на израелските сили и дека смета оти Израел е целосно одговорен за нејзината смрт.

Абу Аклех е родена во Ерусалим во 1971 година и има дипломирано новинарство и медиуми на Универзитетот „Јармук“ во Јордан.