Јапонија најави постепено укинување на увозот на руска нафта

by Administrator
Јапонија планира постепено да ја намалува зависноста од увозот на нафта од Русија, изјави во вторникот министерот за трговија и индустрија Коичи Хагиуда, пренесе новинската агенција Тас. Коментарите на Хагиуда дојдоа откако земјите од Г7 во неделата рекоа дека зависноста од руските енергетски ресурси полека ќе се намалува и ќе ја осакати руската трговија со нафта. „Не можеме да одбиеме да увезуваме руска нафта сега, но подготвени сме постепено да ја напуштиме зависноста од руските енергетски ресурси, истовремено наоѓајќи алтернативни извори на снабдување“, рече Хагиуда. Претходно премиерот Фумио Кишида зборуваше за желбата на Јапонија да им се придружи на другите земји од Г7 во нивната одлука да го запрат увозот на руска нафта. Хагиуда потврди дека јапонската влада ќе објави детали за временската рамка и конкретните чекори за намалување на снабдувањето со енергија од Русија.
Министерот рече дека јапонската влада ќе ги земе предвид и националните интереси додека ја намалува зависноста од руските енергетски ресурси. Минатиот месец Јапонија ги објави плановите за постепено укинување на увозот на јаглен од Русија, барајќи други добавувачи во услови на зголемени санкции кон Москва. Јапонија зависи од увозот на речиси сите нејзини енергетски ресурси, и покрај тоа што е петти најголем потрошувач на енергија во светот. Околу 3% од вкупниот увоз на нафта во Јапонија доаѓа од Русија.

You may also like