ИСТАНБУЛ (АА) – Почнувајќи од следната година, турска компанија за крстарење ќе започне со патувања за умра од историскиот град Истанбул до Мека, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Планираме да започнеме со патувања за умра со брод од 2023 година“, изјави за АА извршниот директор на „Ay Cruise“, Четин Ај.
„Со патувањето Истанбул – Џеда, многу луѓе од муслиманскиот свет ќе дојдат во Истанбул и ќе имаат можност да одат на умра со брод. Тие ќе можат и да крстарат и да извршат умра.“
Истакнувајќи дека Турција има сериозен туристички потенцијал со бродовите за крстарење, Ај рече дека тие прават голем чекор напред со новите тури Истанбул – Џеда.
„Шпанија може да се пофали со 6,5 милиони патници на крстарења годишно“, рече тој и додаде: „Го развиваме овој проект година и пол. Во 2023 година нашите тури Истанбул – Џеда ќе започнат во рамките на халал туризмот.“
„За време на османлискиот период, посетите на светата земја се правени со воз. Така што ова беше неостварена желба за мене“, додаде Ај.
„Крстарењето се очекува да трае 7 дена од Истанбул“, рече тој, додавајќи дека оние кои ќе завршат со умрата или аџилакот ќе имаат опција или да се вратат во Истанбул или да продолжат во други земји.
Умрата е доброволен аџилак во Мека што муслиманите можат да го вршат во секое време од годината. Можноста за извршување умра беше стопирана во февруари 2020 година поради коронавирусот.
Саудиска Арабија воведе ограничувања и за аџилакот, односно за време на пандемијата во последните две години се примаа само домашни аџии. Минатата година аџилак извршија вкупно 60.000 аџии, во споредба со 2019 година, кога верската обврска ја исполнија околу 2,5 милиони луѓе.
Аџилакот до најсветото место во исламот, Каба во градот Мека, е еден од петте столбови на исламот.
Муслиманот треба да изврши аџилак барем еднаш во животот, доколку има финансиски средства.
„Anadolu Agency“










