САД започнаа со обука на украинските сили за новите воени системи во Германија

0
128

ВАШИНГТОН (АА) – Соединетите Американски Држави (САД) започнаа со обука на украинските сили за новите воени системи во американските воени инсталации во Германија, објави Пентагон, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Украинските сили се обучуваат за ракување со хаубици, радарски системи и оклопни возила со кои САД го снабдуваат Киев за одбрана против над два месеца долгата руска офанзива.

Портпаролот на Министерството за одбрана (Пентагон), Џон Кирби, ѝ се заблагодари на Германија за поддршката и рече дека обуката во Германија и на други места „е директна поддршка на неодамнешните пакети за безбедносна поддршка од САД наменети да ѝ помогнат на Украина да ги добие нејзините битки денес и да изгради моќ за утре“.

„Овие нови системи и придружната обука ќе ја зајакнат способноста на Украина да се спротивстави на обновената руска офанзива во источна Украина“, изјави тој за новинарите.

Обуката ја спроведуваат околу 160 припадници на Националната гарда на Флорида.

Обуката се реализира откако американскиот претседател Џо Бајден најави воена помош од над 1,6 милијарди долари за Украина во изминатите три недели. Тој побара од Конгресот да обезбеди дополнителни 20,4 милијарди долари во нова воена и друга безбедносна помош бидејќи постојното финансирање е при крај.

САД му обезбедија на Киев големо вооружување за да ја помогнат неговата борба, кое вклучува дронови, противтенковска и противвоздушна муниција и тешка артилерија.

Пакетот што Бајден го побара во четвртокот вклучува дополнителна артилерија, оклопни возила, противоклопно и противвоздушно оружје, и, како што велат САД, „забрзани кибер способности и напредни системи за противвоздушна одбрана“. Но не се наведуваат системите.

Според проценките на ОН, најмалку 2.899 цивили загинале, а 3.235 се повредени во Украина откако Русија ја започна војната против Украина на 24 февруари, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.

Според Агенцијата за бегалци на ОН, над 8,3 милиони Украинци пребегнале во соседните земји.


Anadolu Agency