ПРИШТИНА (АА) – Утрово се нападнати припадници на граничната патрола при Полицијата на Косово во село Зупче при општина Зубин Поток, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Полицијата на Косово, во кое се наведува дека не се пријавени повредени службеници во нападот извршен со огнено оружје.
„Во врска со овој случај веднаш се преземени сите полициски дејствија, на настанот беа упатени полициските единици од Полициската станица во Зубин Поток, кои соопштија дека граничните единици биле нападнати со огнено оружје. Покрај материјалната штета врз автомобилот, не се пријавени повредени службеници“, се наведува во соопштението.
Се додава дека во соработка и координација со правосудните органи се преземаат сите потребни истражни чекори во врска со случајот, и дека се зголемени полициските мерки со цел осигурување на безбедноста на полициските службеници и граѓаните.
Нападот доаѓа еден ден откако Горан Ракиќ, претседател на партијата Српска листа, која е во Парламентот на Косово, преку прес-конференција предупреди на целосна граѓанска непослушност во северните општини со српско мнозинско население во Косово доколку Полицијата започне со приведувања во тоа подрачје.
Ракиќ нагласи дека поседува информации дека Специјалното обвинителство на Косово иницирало процедура за над 70.000 граѓани Срби, вклучувајќи бизнисмени и градоначалници, до кои упати апел да не одговорат на поканите.
„Ако Приштина започне со еднострани чекори, приведувајќи наши граѓани, тогаш ќе бидеме принудени да покажеме отпор со сите демократски и недемократски начини, што вклучува целосна граѓанска непослушност за зачувување на правата на нашите граѓани“, рече Ракиќ.
Тој истакна дека Српската листа за ова ги информирала амбасадорите на земјите на Квинтата, но и претставниците на Европската Унија, од кои побарал „да ја запрат Приштина да не предизвикува хаос во северниот дел на Косово“.
На 13, 14 и 15 април врз Полицијата на Косово беа извршени четири напади, во близина на граничните премини со Србија.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла, преку прес-конференција овие напади ги опиша како терористички напади, и нагласи дека доаѓаат како „реакција поради сериозната ангажираност на институциите на Косово да го одржат редот и законот во секое место во државата“.
Anadolu Agency










