Франција: Макрон реизбран за претседател

0
114

Во Франција се одржа вториот круг од тензичните претседателски избори меѓу Марин Ле Пен и Емануел Макрон.

Емануел Макрон е реизбран за француски претседател, според првите проекции на изборните резултати во кои актуелниот лидер се спротивстави на кандидатката на екстремната десница Марин Ле Пен.

Франс 24 објави дека според првичните проекции, Макрон освоил 58,2 отсто, а Ле Пен 41,8 отсто од гласовите.

Гласачките места во Франција беа отворени во 8 часот по локално време, а затворени во 20 часот.

Излезноста во 17 часот беше 63,23 отсто, пренесува Монд.

Тоа значи дека на гласање не излегле 28,2 отсто, што е повеќе од 26,3 отсто од бројот на гласачи кои на 10 април останале дома, пишуваат француските медиуми.

Првиот голем предизвик за францускиот претседател ќе биде да обезбеди мнозинство на јунските парламентарни избори, неопходно за спроведување на планираните програми.

Резултатите од изборите во седиштето на Ле Пен беа дочекани со свирежи, а противкандидатката на Макрон во моментов држи жесток говор во кој ги нападна политиките на актуелниот и иден претседател како погубни за Франција.

За својот пораз Марин Ле Пен ги осуди двонеделните нефер методи, но резултатот што го постигна го нарече голема победа.

„Идеите што ги заговараме достигнаа нов врв. Ќе продолжам по мојот пат, ќе продолжам да бидам посветена на Французите и Франција“, рече Ле Пен, потсетувајќи дека за неколку недели ќе се одржат парламентарни избори. „Никогаш нема да ја напуштам Франција“, додаде таа.


24