Аеродромот Шипхол во Амстердам ги повика патниците да се држат настрана бидејќи штрајкот на персоналот на почетокот на училишниот распуст предизвика хаос на третиот најфреквентен аеродром во Европа.
„Терминалот во моментов е преполн. Шипхол ги повикува патниците повеќе да не доаѓаат на аеродромот“, соопштија од аеродромот непосредно пред пладне. „Многу ни е жал што мораме да го направиме ова, но безбедноста треба да се гарантира“, изјави портпаролот на аеродромот за Ројтерс.
Полицијата во попладневните часови ги затвори излезите на автопатот што води кон аеродромот бидејќи редици автомобили пред портите се протегаа надвор од аеродромските згради. На патниците им е препорачано да се држат настрана, додека персоналот на аеродромот работи на тоа да прими што повеќе илјадници фрустрирани патници на летовите кои често доцнат.
Вработените кои управуваат со багажот на КЛМ, холандската филијала на Air France-KLM, започнаа ненајавен штрајк рано утрово. Тие бараат повисоки плати и подобри услови за работа.
Копнениот персонал на KLM е одговорен за приближно половина од целиот багаж што минува низ Шипхол, третиот најпрометен аеродром во Европа по парискиот Шарл де Гол и лондонскиот Хитроу. Синдикатот ФНВ соопшти дека штрајкот завршил околу пладне.
Sloboden pecat









