Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека планира да ги повика рускиот и украинскиот претседател и да разговара за одржување мировни преговори на лидерско ниво во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи пред новинарите во Истанбул, Ердоган рече дека преговорите меѓу Русија и Украина досега дале позитивни резултати, но не во обем како што требало да биде.
Истакнувајќи дека преговарачкиот процес ќе се подобри, порача: „Не сме без надеж.“
Разговорите меѓу руската и украинската делегација во Истанбул на 29 март се сметаа за пробив во напорите за запирање на непријателствата, кои, според бројките на ОН, од 24 февруари ги однесоа животите на најмалку 2.345 цивили и оставија уште 2.919 повредени.
По состанокот во Истанбул, член на украинската делегација рече дека Киев ја сака Турција меѓу земјите што ќе бидат гаранти во секој договор со Москва.
Во март, Турција, исто така, организира средба помеѓу рускиот и украинскиот министер за надворешни работи во туристичкиот град Анталија, што е прв состанок на високи владини претставници од двете страни од почетокот на војната.
Во врска со најновата антитерористичка операција на Турција во северен Ирак, турскиот претседател рече дека безбедносните сили неутрализирале 45 терористи на ПКК во операцијата „Канџа-катанец“, нанесувајќи ѝ тежок удар на терористичката организација.
Тој додаде дека за време на операцијата загинале и тројца турски војници.
Терористите на ПКК се кријат во северен Ирак за да планираат прекугранични напади во Турција.
Во 2020 година Турција ги започна операциите „Канџа-тигар“ и „Канџа-орел“ во пограничните региони на северен Ирак за да се осигура безбедноста на границите и на турските граѓани.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на најмалку 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и доенчиња.










