„Tour of Turkiye“: Со церемонијата на доделување медали заврши 57. Претседателска велосипедска трка

0
110

ИСТАНБУЛ (АА) – Со церемонијата на прогласување на победниците и доделување на наградите на најуспешните натпреварувачи во Истанбул заврши 57. издание на Претседателската велосипедска трка во Турција (Tour of Turkiye), јавува Агенција Анадолија (АА).

Во рамките на 57. Претседателска велосипедска трка низ Турција, денеска започна последната, осма етапа, но беше прекината и откажана поради лошите временски услови во Истанбул.

Последната етапа започна пред Културниот центар „Ататурк“ на плоштадот „Таксим“, а на стартот имаше 149 велосипедисти од 25 тимови. Велосипедистите минаа на азискиот брег на Босфорот преку „Мостот на шехидите од 15 јули“, но поради влошувањето на временските услови на патеката, се случија поголем број падови на велосипедистите поради што организаторите решија да ја прекинат трката 25 километри по стартот.

Така, победата и тиркизната маичка му припаднаа на новозеландскиот велосипедист Патрик Бевин од тимот на Израел-Премиер Тек, кој победи во претходната етапа и беше на врвот на севкупниот пласман на Tour of Turkiye.

Второто место му припадна на Австралиецот Џеј Вајн од тимот Алпецин-Феникс, додека третопласиран беше Аргентинецот Едуардо Сепулведа од тимот Дрон Хопер-Андрони Џоватоли.

На Белгиецот Јаспер Филипсен од тимот Алпецин-Феникс му припадна зелената маичка наменета за најдобриот спринтер на трката, а Ноа Гранинген од американскиот тим Вајлдлајф Џенерејшн ја облече црвената маица како најдобар ридски тркач. Белата маичка, наменета за промотерот на убавините на Турција, му припадна на Батухан Озгур од тимот на Град Сакарија.

Најдобар во екипна конкуренција беше шпанскиот тим Екипо Керн Фарма.

Потпретседателот на Турција, Фуат Октај, им ги додели медалите на најдобрите тројца велосипедисти на овогодинешната „Tour of Turkiye“, а турскиот министер за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу, му ја додели наградата на најдобриот тим на трката. Гувернерот на Истанбул, Али Јерликаја, му додели признание на добитникот на белата маичка.

Претседателот на Велосипедската федерација на Турција, Емин Муфтуоглу, им врачи пригодни подароци на турскиот потпретседател Октај и ресорниот министер Касапоглу за нивното учество на церемонијата.

Претседателската велосипедска трка на Турција, организирана под покровителство на Кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, започна на 10 април. Трката ја организира Велосипедската федерација на Турција.

Етапната друмска велосипедска трка, која е во категоријата „ПроСерии“ на Меѓународната велосипедска унија (UCI), започна во Бодрум со учество на професионални тимови и спортисти.

Позната како „Мармара тур“, оваа трка првпат се возеше во 1963 година, а веќе од наредната година се возеше под називот „Претседателска велосипедска трка во Турција“.

Станува збор за трка што се одржува во рамките на календарот на светската велосипедска тура, а е единствената трка во светот што се вози на два континента, и тоа во Европа и Азија. Годинава се одржува под слоганот „Почит кон историјата и природата“.

Трасата за овогодинешната трка беше долга 1.303 километри, поделена во осум етапи. На трката учествуваа 175 спортисти од 34 земји и 25 тимови од 14 земји.


Anadolu Agency