Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка мерени со индексот на потрошувачките цени во Хрватска во март се зголемени во просек за 7,3 отсто во однос на истиот месец лани, што е највисока инфлација од 2008 година, објави Централниот завод за статистика.
Во однос на февруари, потрошувачките цени се во просек повисоки за 2,1 отсто, а во првиот квартал од годинава, во однос на истиот период лани, цените се во просек повисоки за 6,4 отсто, пренесува Hina.
Цените на храната, во кои се вклучени безалкохолните пијалоци, кои сочинуваат четвртина од потрошувачката кошничка, пораснаа за 10,3 отсто на годишно ниво и имаа најголем придонес во годишната стапка на раст на индексот (+ 2,8 процентни поени).
Зголемени цените на превозот, комуналиите, облеката, обувките, угостителските услуги…
Очекувано, цените на транспортот, првенствено поради цените на горивата, пораснаа за 14,4 отсто, што придонесе за зголемување од 2,12 процентни поени, додека цените на домовите, водата, струјата, гасот и другите горива пораснаа за 0,64 процентни поени или со годишен раст од 3,8 отсто.
Во однос на февруари, најмногу поскапеле облеката и обувките во просек, за 12,2 отсто, транспортот за 5,3 отсто, а услугите во рестораните и хотелите за 1,8 отсто.
„Со претходно присутните инфлациски притисоци генерирани од растот на цените на енергијата и храната, во сегашното опкружување на геополитички конфликти и екстремна неизвесност за времетраењето и исходот, инфлаторните притисоци сега стануваат се посилни. Иако Владата презеде одредени мерки, поради поскапувањето на енергенсите, за ублажување на влијанието врз потрошувачите, неизбежно е директно влијание преку прелевање на цените на енергијата и храната од светските пазари“, велат аналитичарите на „Рајфајзен банка“.
„Hina“
„Dubai-Portal“










