АНКАРА (АА) – Режимот на Башар ал Асад соопшти дека Израел извршил воздушни напади врз одредени воени точки во сирискиот главен град Дамаск, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Новинската агенција на режимот на Асад, САНА, врз основа на воен извор, истакна дека во 23:02 часот по локално време од страна на Израел се извршени воздушни напади врз некои воени точки на режимските сили во западниот дел на Дамаск.

„Системите за противвоздушна одбрана соборија некои од непријателските ракети. При нападот настаната е само материјална штета“, се истакнува во веста.

Познато е дека во главниот град Дамаск и неговата околина има воени пунктови на странските терористички групи поддржани од Иран и Хезболах, како и на режимската армија.

Од израелските власти нема соопштение во врска со нападот.

Израелските власти генерално се воздржуваат од изјави за нападите на сириска територија.

Режимот на Асад тврдеше дека Израел ја нападнал покраината Хама на 9 април, на 23 февруари покраината Кунејтра на југот на Сирија и на 17 февруари Дамаск.

Од 2011 година, кога започна граѓанската војна, Израел одвреме-навреме извршува напади врз групи поддржани од Иран и воени точки на режимот во Сирија.


Anadolu Agency