БАЛИКЕСИР (АА) – Во рамките на 57. Претседателска велосипедска трка низ Турција (Tour of Turkiye), денеска се одржа петтата етапа, во која победи Австралиецот Сем Велсфорд од холандскиот тим на ДСМ, јавува Агенција Анадолија (АА).

Велосипедистите во петтиот ден од „Tour of Turkiye“ ја возеа етапата од Маниса до Ајвалик. Во петтата етапа на трката, долга 191,7 километри, учествуваа вкупно 160 велосипедисти.

Првото место му припадна на Австралиецот Сем Велсфорд со време од 4 часа 13 минути и 49 секунди. Втор беше Белгиецот Јаспер Филипсен од белгискиот тим Алпецин-Феникс, а трет Арвид де Клајн од американскиот тим Хјуман Пауред Хелт.

Во генералниот пласман и натаму води Аргентинецот Едуардо Сепулведа од италијанскиот тим Дрон Хопер-Андрони Џокатоли, кој вчерашната етапа ја заврши на првото место.

Шестата етапа на „Tour of Turkiye“ е закажана за утре, ќе се вози од Едремит до Еџабат, а велосипедистите за време на трката ќе го поминат и неодамна отворениот мост „Чанаккале 1915“.

Претседателската велосипедска трка во Турција, организирана под покровителство на Кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, започна на 10 април и ќе трае до 17 април. Трката ја организира Велосипедската федерација на Турција.

Етапната друмска велосипедска тргна, која во категоријата „ПроСерии“ на Меѓународната велосипедска унија (UCI) започна во Бодрум со учество на професионални тимови и спортисти, ќе заврши во Истанбул в недела на 17 април.

Позната како „Мармара тур“, оваа трка првпат се возеше во 1963 година, а веќе од наредната година се возеше под називот „Претседателска велосипедска трка во Турција“.

Станува збор за трка која се одржува во рамките на календарот на светската велосипедска тура, а е единствената трка во светот што се вози на два континента, и тоа во Европа и Азија. Годинава се одржува под слоганот „Почит кон историјата и природата“.

Велосипедистите на трката ќе поминат 1.303 километри во осум етапи. На трката учествуваат 175 спортисти од 34 земји и 25 екипи од 14 земји. Како дел од трката, велосипедистите трипати ќе го менуваат континентот. Стотици телевизиски канали и медиуми ја следат трката.


Anadolu Agency