Албанија ќе набави супер интелигентни дронови од Турција

by Administrator

Албанија од Турција ќе набави „суперинтелигентни“ беспилотни летала-дронови вредни осум милиони евра, јавуваат албанските медиуми. Се очекува дроновите да бидат ставени во служба на полицијата, за надгледување на целата територија на земјата.

Кон крајот на минатата година, албанскиот премиер Еди Рама најави дека земјата ќе набави модерни дронови и ќе испрати два сателита во орбитата, именувани како „Албанија 1″ и „Албанија 2″, кои, како што објасни, исто како и интелигентните беспилотни летала, „ќе помогнат да се има целосна контрола врз целата територија на земјата”.

„Ќе купиме дронови. Ќе испратиме и сателити во орбитата. Албанија ќе има сателити и тоа многу наскоро за да ја зајакне контролата на целата територија. Не само сателити, туку и интелигентни беспилотни летала за да ја одведат земјата на друго ниво во однос на администрирањето на територијата. Ова се алатки на новата технологија што гарантираат набљудување на територијата, од границите, до изведбата на градби, мониторинг поврзан со информациите потребни од структурите за борба против трговијата со луѓе, со цел целосно да се изолира трговијата со дрога″ , објасни тогаш Рама.

Тој додаде дека Албанија со сателитите и беспилотни летала ќе ја зголеми контролата на територијата во сите аспекти и ќе биде прва земја во регионот која ќе испрати сателити во орбитата.


„Sloboden pecat“

You may also like