Долниот дом на пакистанскиот парламент гласаше за смена на премиерот Имран Кан, а одлуката беше донесена по речиси 14 часа расправии меѓу членовите на опозицијата и владејачката партија на Кан.
Опозициските партии успеаја да обезбедат 174 гласа во Домот од 342 за поддршка на иницијативата за недоверба, рече претседавачот. Само неколку пратеници од владејачката партија на Кан присуствуваа на процесот. Кан го загуби своето парламентарно мнозинство откако некои пратеници од неговата партија, како и клучните сојузници како што е Движењето Мутахида Кауми, партија со седиште во пристанишниот град Карачи, ја напуштија владејачката коалиција.
Резултатите од гласањето значат дека Кан повеќе нема да ја извршува сегашната функција и дека Долниот дом ќе избере нов премиер и влада. Во меѓувреме, опозицијата го именуваше опозицискиот лидер Шехбаз Шариф за премиер со поддршка од 195 пратеници.
Досега, ниту еден премиер во историјата на Пакистан не го завршил својот петгодишен мандат. Кан претходно ги обвини САД за мешање во процесот на недоверба, а односите меѓу двете земји неодамна се влошија, особено по воениот конфликт меѓу Русија и Украина.










