Ембаргото на руската нафта би имало катастрофални последици за светскиот пазар и би можело да ја зголеми цената на барелот на 300 евра, предупреди Москва, заканувајќи се со затворање на гасоводот Северен тек 1. „Сосема е очигледно дека одбивањето да се купи руска нафта ќе доведе до катастрофални последици за светскиот пазар“, изјави рускиот вицепремиер за енергетика Александар Новак.
„Ненадејниот скок на цените може да биде непредвидлив и да достигне 300 долари за барел, па дури и повеќе“, рече тој, според руските новински агенции.
Москва се заканува дека ќе го затвори Северен тек 1
Кога Москва ја призна независноста на бунтовничките територии во источна Украина во февруари, Западот го замрзна проектот Северен тек 2, кој ја поврзува Русија со Германија. „Можеме со право да донесеме слична одлука и да воведеме ембарго за испораките на гас преку гасоводот Северен тек 1, кој носи руски гас во Европа и во моментов е 100 отсто полн“, рече Новак.
„Но, досега не сме донеле таква одлука (…) Иако европските политичари нè повикуваат да го сториме тоа со нивните изјави и обвинувања“, рече тој. Новак рече дека е невозможно брзо да се заменат испораките на руска нафта на европскиот пазар со испораки од друг извор. „Ќе бидат потребни неколку години и ќе биде поскапо за европските потрошувачи кои ќе бидат најголеми жртви на таквото сценарио“, предупреди тој.
Цената на барел северноморски брент во неделата околу полноќ беше речиси 140 долари, што не е далеку од апсолутниот рекорд од 147,50 долари што го достигна во јули 2008 година.









