САРАЕВО (АА) – Со подигање на државното знаме на сараевскиот рид Хум и со интонирање на химната, утрово започна одбележувањето на 1 Март – Денот на независноста на Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Агенција Анадолија (АА).

На свеченоста, меѓу останатите, присуствуваа Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, претседавачот и членот на Претседателството на БиХ.

На свеченоста присуствуваа и претставници од сите нивоа на власта и граѓани.

1 Март, Денот на независноста на Босна и Херцеговина, се одбележува по повод успешно спроведениот референдум за независност на Босна и Херцеговина одржан на 29 февруари и 1 март 1992 година. Тогаш гласаа 2.073.568 гласачи (излезноста изнесуваше 63,7 отсто), од кои за независност се изјаснија дури 99,7 отсто.

Референдумското прашање гласеше: „Дали сте за суверена и независна Босна и Херцеговина, држава на рамноправни граѓани, народи на Босна и Херцеговина – Муслимани, Срби, Хрвати и припадници на другите народи кои живеат во неа?

По изгласувањето на независност, Босна и Херцеговина ја признаа многу земји во светот, а земјата набрзо потоа стана полноправна членка на Обединетите нации (ОН) како и на многу други меѓународни организации.

Anadolu Agency