Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, вели дека утре ќе бидат префрлени средствата за исплата на членовите на избирачките одбори во Општина Карпош и во други општини, каде тие и по четири месеци од локалните избори се уште не ги добиле хонорарите за својот ангажман. Потоа, според него, општините треба да ги исплатат членовите на избирачките одбори, без оглед на тоа дали им е сметката блокирана или не, каков што е на пример случајот со Општина Карпош.

Парите за оваа намена одат на посебна сметка од Програмата 21, независно што им е блокирана општинската сметка. Во петокот добивме средства од Министерството за финансии, денеска донесовме одлука за исплата и утре парите ќе им се исплатат на општините – рече за „Слободен печат“, претседателот на ДИК.

На граѓаните кои беа ангажирани во избирачките одбори на последните избори им останува, според најавите на ДИК,  да се надеваат дека деновиве парите ќе им „легнат“ на сметките.


„Sloboden pecat“