ЛОНДОН (АА) ‒ Русија загуби повеќе од 450 војници и не успеа да постигне ниту една од своите главни цели во првите 24 часа од воената интервенција во Украина, изјави денеска британскиот секретар за одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Според проценката на британската Влада, рускиот претседател Владимир Путин има намера да ја нападне цела Украина“, изјави Бен Валас за „Скај њуз“.

„Нашата проценка од утринава е дека Русија не презела ниту една од нејзините главни цели. Всушност, таа е зад својот очекуван распоред. Таа изгуби над 450 војници“, рече тој.

„Руските специјални сили кои се обидуваа да заземат еден од значајните аеродроми беа одбиени и Украинците го вратија назад“, додаде тој.

„Спротивно на големите руски тврдења и на визијата на претседателот Путин дека некако Украинците ќе бидат ослободени и ќе поитаат кон неговата кауза, сметам дека тој целосно греши“, рече Валас.

„И Руската армија не успеа да ја исполни својата главна цел на првиот ден.“

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека операцијата има за цел да ги заштити луѓето „подложени на геноцид“ од Киев и да ја „демилитаризира и денацифицира“ Украина, а истовремено ја повика Украинската армија да го положи оружјето.

Според украинскиот претседател Владимир Зеленски, повеќе од 130 луѓе, вклучително и цивили, биле убиени на првиот ден од воената интервенција.


Anadolu Agency