Иранскиот министер за надворешни работи рече дека кризата во Украина е вкоренета во провокативните потези на НАТО, но додаде дека воената акција не е решение за кризата. Хосеин Амир Абдолахиан го напиша ова на својот официјален профил на Твитер во четвртокот, откако се појавија информации дека Русија започнала воена операција во источна Украина во регионот на Донбас, паралелно со воздушните напади врз воени цели во Украина. „Не мислиме дека посегнувањето по војна е решение.
Неопходно е да се воспостави примирје и да се фокусираме на политичко и демократско решение“, напиша иранскиот министер за надворешни работи. Во телевизиско обраќање рано во четвртокот, рускиот претседател Владимир Путин најави специјална воена операција во регионите Доњецк и Луганск, самопрогласени републики кои Русија ги призна оваа недела. Путин рече дека ја наредил операцијата откако лидерите на отцепените републики побарале воена помош од Кремљ за да одговорат на „агресијата на украинските сили“. Путин додаде дека сака демилитаризација и денацификација на Украина и дека не планира да ја окупира украинската територија. Во меѓувреме, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи изрази жалење за почетокот на воената операција и ескалацијата на конфликтот во Украина, додавајќи дека Иран со голема загриженост го следи развојот на настаните.
Саид Хатибзадех рече дека Иран ги повикува завојуваните сили да прогласат прекин на огнот и да одржат итни разговори за решавање на кризата преку политички канали. Исламската Република ја повторува важноста од почитување на меѓународното право и хуманитарните права во воените конфликти, изјави иранскиот портпарол.
