Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Москва се сретна со пакистанскиот премиер Имран Кан во услови на високи тензии меѓу Москва и Киев, јавува Anadolu Agency (AA). Во кусото соопштение од Кремљ се вели дека двајцата лидери разговарале за главните аспекти на билатералната соработка и размениле мислења за актуелните регионални прашања, вклучително и за случувањата во Јужна Азија. Кан е во дводневна посета на Русија, а денеска присуствуваше на положување венци на гробот на непознатиот војник до ѕидот на Кремљ. Средбата се одржа неколку часа откако Путин најави специјална воена операција во Украина, предизвикувајќи меѓународна осуда и најава за нови санкции против Москва. Шахбаз Гил, советник за политички комуникации на Кан, рече дека средбата траела речиси три часа. Така, Кан стана првиот пакистански премиер кој ја посети Русија по 23 години, а беше најавено како дел од напорите да се стави крај на нивното ривалство од Студената војна и да влезат во нова ера на соработка.










