Со воздушни напади и експлозии кои се регистрирани во голем број градови низ земјата,меѓу кои и главниот град Киев, Харков и Одеса, Русија утрово започна воен напад врз Украина.

Нападот започна нешто пред 4 часот по полноќ, откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање соопшти дека наредил да започне „специјална воена операција“ со цел да се изврши „демилитаризирација и денацификација“ на Украина.

Тој во својот говор предупреди дека било каков обид од други држави за мешање ќе води кон „последици кои досега не биле видени“.

Пријавена е серија на експлозии ширум Украина, а очевидците рекле дека истите се случиле во близина на неколку големи градови, додека рускиот претседател Владимир Путин потпишал наредба со која се одобрува „специјалната воена операција“ во регионот Донбас.

Жителите на Донбас изјавија дека ситуацијата во тој украински регион е „застрашувачка“ по руската воена инвазија на Украина.

Говорејќи од покрив на еден објект во центарот на Киев, репортерот на Си Ен Ен, Метју Чанс рече дека слушнал четири или пет експлозии како избиле во градот.