АНКАРА (АА) – Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, во телефонскиот разговор денес му ја потврди на украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, непоколебливата поддршка на САД во пресрет на најновите потези на Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Секретарот го забележа нашиот брз одговор на одлуката на Русија да ја признае наводната независност на т.н. републики контролирани од руските прокси-власти во источна Украина“, се вели од американскиот Стејт департмент.

„Тие разговараа за силните мерки што ги објавивме денеска како одговор и повторија дека ќе следуваат дополнителни чекори.“

Блинкен додаде дека со нетрпение очекува да го види Кулеба во среда во Вашингтон, каде што ќе продолжат да разговараат за овие прашања.

Кулеба на Твитер напиша за повикот: „Имајќи ја предвид динамиката на ситуацијата, имав уште еден повик со @SecBlinken пред нашата утрешна средба во Вашингтон. Клучна тема: санкции. Ја истакнав потребата да се воведат строги санкции кон Русија како одговор на нејзините незаконски дејствија.“

– Последните потези на Русија

Во говорот доцна синоќа, рускиот претседател Владимир Путин најави признавање на сепаратистичките региони Луганск и Доњецк, напаѓајќи ја и Владата на Украина и обвинувајќи го Западот дека ги игнорира суштинските безбедносни грижи на Москва.

Подоцна, тој нареди распоредување руски трупи за „да се одржи мирот“ во отцепените региони.

Потезите на Путин беа широко осудени како сериозно кршење на меѓународното право, а западните земји ветија остри нови санкции.

САД и нивните европски сојузници рекоа дека Русија ја подготвува сцената за инвазија на Украина со распоредувањето над 100.000 војници и тешка опрема во и околу нејзиниот сосед.

Русија негираше дека се подготвува за инвазија и наместо тоа ги обвинува западните земји дека ја поткопуваат нејзината безбедност преку проширувањето на НАТО коннејзините граници.

Во 2014 година, Москва почна да ги поддржува сепаратистичките сили во источна Украина против централната влада. Според ОН, конфликтот однесе повеќе од 13.000 животи.

Anadolu Agency