Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, коментирајќи го руското признавање на таканаречените републики Доњецк и Луганск, рече дека ја смета оваа одлука за неприфатлива, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган за време на африканската турнеја одговараше на прашањата на новинарите во авионот на пат од Демократската Република Конго кон Сенегал, а едно од прашањата се однесуваше и на украинската криза.

„Засега не е јасно каде сè функционираа пораките на САД, особено необичностите на конференцијата во Минхен. Според мене, Минхенската конференција не отиде подалеку од само самит на НАТО. Искрено се обидовме да ги намалиме тензиите во оваа криза од самиот почеток и јасно ги кажавме нашите пораки за решавање на кризата“, рече Ердоган.

Тој потсети дека Министерството за надворешни работи на Турција за последните случувања изјавило дека одлуката на Русија да ги признае таканаречените републики Доњецк и Луганск е спротивна на договорот од Минск.

„Оваа одлука е јасно кршење на политичкото единство, суверенитет и територијалниот интегритет на Украина. Сметаме дека оваа одлука на Русија е неприфатлива, ги повикуваме страните на здрав разум и почитување на меѓународното право“, нагласи Ердоган.

Зборувајќи за африканската турнеја, Ердоган рече дека ова е негова втора опсежна посета на Африка за краток период од четири месеци. Тој рече дека Турција работи на тоа да придонесе за развојот на Африка по „вин-вин“ принципот и дека се обидува да го зголеми обемот на трговската размена со земјите од африканскиот континент.

По посетата на ДР Конго и Сенегал, последната станица од африканската турнеја на Ердоган е Гвинеја Бисао.

„Ставовите на африканските лидери кон Турција стануваат сè попозитивни од ден на ден. Нивната порака е дека ‘Турција доаѓа во нашите земји по принципот вин-вин’. Всушност, историјата се повторува. На кој начин? Кога дојдоа нашите предци тука, тие не дојдоа со колонијална логика. Напротив, тие дојдоа да ги градат и обноват овие места. Сега доаѓаме да градиме и обновиме. Со кого? Со нашите претприемачи“, истакна тој.

Турскиот претседател зборуваше и за односите со Саудиска Арабија.

„Сакаме да ги подобриме нашите односи со Саудиска Арабија. Сакаме да го подобриме позитивниот дијалог и нашите односи со конкретни чекори во наредниот период“, рече Ердоган.

Осврнувајќи се на претстојната посета на израелскиот претседател Исак Херцог на Анкара, Ердоган ја оцени оваа посета како многу важна.

„Посетата на господин Херцог е многу важна за нас. Оваа посета претставува чекор во турско-израелските односи што подоцна може да се почувствува во други димензии“, истакна турскиот претседател.

Тој го коментираше и предлогот на украинскиот лидер Владимир Зеленски за заеднички самит СБОН – Турција – Германија.

„Доколку членките на Советот за безбедност на ОН и другите земји се договорат, ние ќе го заземеме нашето место на оваа средба“, заклучи Ердоган.

Anadolu Ageny