Катар со Фестивалот на камили на кој ќе се избираат „најубавите“ камили, има за цел одржување на традицијата и заживување на туризмот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фестивалот што се одржува во главниот град Доха, започна на 28 јануари со учество на голем број камили од земјите од Персискиот Залив и ќе трае до 8 март.
Вкупно 47 милиони ријали (приближно 13 милиони долари) ќе бидат доделени на победниците во натпреварите што се одржуваат во регионот Шахание, на 25 километри од главниот град Доха.

Во текот на 40-те дена, колку што ќе трае фестивалот, ќе учествуваат камили од видовите „дива камила“ (Asayil), „црна и голема камила“ (Mecahim) и „бела камила“ (Meğatir) од Персискиот Залив и од Катар. Ќе се одржат вкупно 114 натпревари, од кои 54 локални и 60 меѓународни.
– Цел: Да се одржи традицијата, да заживее туризмот –
Со Фестивалот на камили се има за цел да се заштити културното наследство и расите камили, како и да се создаде платформа која ги обединува сопствениците на камили и да се создаде свест за одржување на традицијата кај новите генерации.
Камилите, кои биле најголемите помагачи на Арапите низ историјата, денес служат за развој на културниот туризам и заживување на економијата.

Во изјава за Агенција Анадолија (АА), претседателот на Комитетот одговорен за медиуми, Мухамед бин Селан ел Мери, рече дека за разлика од претходните фестивали, оваа година во исто време и исто место се натпревруваат три различни раси камили и како таков фестивалот станал попривилегиран од другите фестивали во регионот.
Ел Мери исто така рече дека натпреварите се одржуваат во две посебни групи, домашни и странски, за да можат сопствениците на камили во Катар да стекнат искуство.
– Многу награди, голем број учесници –
Истакнувајќи дека нивото на учество на фестивалот, кој повеќе од една година е суспендиран поради Ковид-19, годинава е поголемо во споредба со другите години, Ел Мери посочи дека во тоа имаат улога и високите награди.

Додаде дека покрај домаќинот Катар, на фестивалот учествуваат и Саудиска Арабија, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Оман.
Посочувајќи дека на фестивалот има ретки арапски камили, Ел Мери рече дека конкуренцијата од ден на ден се зголемува и дека ова натпреварување ќе го достигне својот врв во наредните денови кога ќе се натпреваруваат камили од видот „дива камила“ (Asayil).
Anadolu Agency








