САД предупредија дека руската инвазија на Украина би можела да започне во текот на Олимписките игри во Пекинг кои завршуваат на 20 февруари, известува Агенција Анадолија (АА).
„Инвазијата би можела да почне во кој било момент доколку [претседателот на Русија] Владимир Путин одлучи да го нареди тоа… Би можела да започне во текот на Олимписките игри и покрај бројните нагаѓања дека тоа ќе се случи по Олимписките игри“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на претседателот на САД, Џо Бајден, на конференцијата за новинари.
Саливан рече дека Вашингтон е подготвен да ја продолжи дипломатијата насочена кон резултати, што се занимава со безбедносните проблеми на САД, Русија и Европа.
Тој истакна дека руската инвазија на Украина би можела да започне со бомбардирање и ракетни напади, за кои рече дека „очигледно би можеле да убијат цивили без разлика на националноста“.
„Подоцнежната копнена инвазија би вклучила напад со огромни сили“, додаде Саливан.
Советникот за национална безбедност ги повика Американците во Украина да ја напуштат земјата што е можно побргу, „но во секој случај, во наредните 48 часа“.
„Не би имало изгледи за американска воена евакуација во случај на инвазија“, додаде Саливан.










