Американскиот претседател Џо Бајден ги предупреди американските граѓани во Украина да заминат поради стравувањата од потенцијална агресија од Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Американските граѓани треба да си заминат сега“, рече Бајден на водителот на „Ен-би-си њуз“ (NBC News), Лестер Холт, во интервјуто делумно емитувано вчера.

„Не е како да имаме работа со терористичка организација. Имаме работа со една од најголемите армии во светот. Тоа е многу поинаква ситуација и работите може брзо да излезат од контрола“, рече тој.

Бајден, исто така, рече дека нема да испрати војници за да ги извлечат Американците од Украина.

„Тоа е светска војна кога Американците и Русите почнуваат да пукаат едни на други“, рече тој.

Русија неодамна распореди над 100.000 војници во близина на границата со Украина, предизвикувајќи стравувања дека Кремљ би можел да планира нова воена офанзива против својот поранешен советски сосед.

Москва негира дека се подготвува за инвазија и рече дека нејзините војници се таму за вежби.

Кремљ, исто така, објави листа на безбедносни барања од Западот, вклучително и враќање на распоредувањето војници во некои поранешни советски држави и гаранции дека Украина и Грузија нема да се приклучат на НАТО.