Над 10 илјади дивоградби чекаат залегализација во Охрид и околината. Станува збор за барања поднесени од 2011 година до крајниот рок којшто беше предвиден со Законот за легализација на бесправно изградени објекти. За дел од ваквите барања Советот на Општина Охрид треба да расправа во наредниот период, откако денеска седницата беше прекината поради технички причини. Додека еколошките здруженија ги оспоруваат предлог-одлуки за легализација на дивоизградени објекти на потегот на крајбрежјето на Охридското Езеро и во Националниот парк „Галичица”, од општината се децидни дека во нив нема ништо спорно.

Се  подготвува ли нова легализација на дивоградби покрај Охридското Езеро и на Галичица? Охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков, за ДВ вели дека беспотребно се реагира. Сите предмети коишто се доставени до Советот, се од 2011 година и се во согласност со Законот за легализација на бесправно изградени објекти. За нив е дадено мислење од четири сектори во општината, поминале низ повеќе институции, а за нив е добиени мислење и од Министерствата за транспорт и врски и за животна средина.

„Сите барања коишто не ги исполнуваат условите, или една десетина се одбиени“, вели Пецаков, наведувајќи дека околу 10 илјади барања чекаат на ред да бидат разгледани. Тој најавува дека деновиве повторно со надлежните сектори во општината ќе бидат разгледани сите предлози, и доколку е се во ред повторно ќе бидат ставени на седница на Советот за усвојување.

Наплив на нови предмети 

Со новиот закон за бесправно изградени објекти со кој предмет на легализација ќе бидат дивоградби изградени до 1 јануари 2021 година, со исклучок на тие што се изградени во границите на Охридскиот регион, а не се во согласност со  Планот за управување со Светското природно и културно наследство или се во заштитените подрачја, се очекува уште поголема наезда на нови предмети и барања за легализација.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, по прекинувањето на седницата на Советот изјави дека сите предмети што се доставени до Советот да одлучува по нив се во согласност со Законот за легализација на бесправно изградени објекти, а за нив позитивно мислење е добиено и од Националниот парк „Галичица” и ресорното Министерството за животна средина и просторно планирање.

Тој вели дека од комисиите на местото се констатирани објектите и состојбите, од архитектите е утврдено дека сите се надвор од зоната од 50 метри, така што сите предмети што се доставуваат до советниците на одлучување се во согласност со Законот и Планот за управување со културното и природното наследство на Охридскиот регион.

Повеќе на:РСЕ