Зграда во јужна Турција, која долго време беше на врвот на резултатите на „Гугл“ како „најсмешна зграда во светот“ е подготвена да биде урната, според официјални лица, јавува Агенција Анадолија (АА).

Хајретин Гунгор, градоначалникот на Кахраманмараш, каде што се наоѓа зградата, рече дека може да бидат потребни три месеци за да се урне зградата.

„Овој објект е изграден пред 30 години како посебен деловен центар, но отсекогаш бил критикуван бидејќи се издвојува во градскиот пејзаж“, рече тој.

Зградата од 18 ката беше атракција со црвена, жолта и сина фасада, како и високи чудни столбови кои зафаќаат половина од долните катови.

Гунгор изјави дека е одлучено зградата да биде урната, а на таа локација е планиран нов проект.

Жителите на Кахраманмараш ја поддржаа оваа одлука. Еден од нив, Исмаил Казан, рече дека го деморализирале коментарите на туристите кои ја виделе зградата.

Мехмет Фатих Балтутан верува дека градот ќе има многу поубав изглед доколку на местото на зградата се изгради плоштад.