МОСКВА (АА) – Рускиот претседател, Владимир Путин, денес изјави дека предлогот на Русија за потпишување правно-обврзувачки безбедносни гаранции не е ултиматум туку обид за олеснување на тензиите преку политички и дипломатски средства, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Москва е екстремно загрижена дека елементите на американската глобална ракетна одбрана се распоредени во близина на Русија“, изјави Путин на состанокот на Одборот на руското Министерство за одбрана.

„Доколку ракетните системи на САД и НАТО се појават во Украина, времето на нивниот лет до Москва ќе биде од седум до 10 минути, а доколку користат хиперсонично оружје, до пет минути, што е ‘сериозен предизвик’ за безбедноста на Русија“, додаде тој.

„Гледаме дека некои од нашите зломисленици ги сметаат (нацрт-договорите што Русија ги испрати до раководството на САД и НАТО за прашањето за обезбедување стратешка стабилност) како ултиматум од Русија. Дали е ова ултиматум или не? Се разбира дека не.“

„Сакаме да ги решаваме прашањата со политички и дипломатски средства и да имаме јасни, разбирливи и точно наведени правни гаранции. Тоа е значењето на нашите предлози, ставени на хартија и испратени до Брисел и Вашингтон. И се надеваме дека ќе добиеме јасен и сеопфатен одговор на нив“, истакна Путин.

„Постојат одредени сигнали дека другата страна е подготвена да разговара за предлогот на Русија, но постои и ризик да се направи обид за запирање на разговорите и да се спроведат плановите за време на паузата“, додаде.

„Да им биде јасно на сите, ние го разбираме ова. А таков пресврт, таков развој на настаните, се разбира, нема да ни одговара. Се надеваме на конструктивни, смислени преговори, со видлив, а во одредено време, краен резултат што ќе обезбеди еднаква безбедност за сите. Тоа е она за што ќе се стремиме“, рече тој.

„Сепак, да се постигне целта е можно само во случај на понатамошен развој на Вооружените сили“, рече тој.

Минатиот месец, рускиот претседател Владимир Путин го повика НАТО да започнe разговори со цел да ѝ обезбеди на Русија сигурни, правно-обврзувачки и долгорочни безбедносни гаранции.

На 15 декември, Јуриј Ушаков, советник на претседателот за надворешна политика, објави дека Русија им го предала нацртот за своите предлози на САД и НАТО, а два дена подоцна руското Министерство за надворешни работи го објави текстот на нацрт-договорите предложени од Русија.

Сепак, Москва сè уште не добила никаков одговор на нејзиниот предлог, според руските највисоки претставници.


„Anadolu Agency“