КАБУЛ (АА) – Талибанската администрација во Авганистан истакна дека резервите кои се замрзнати во странство му припаѓаат на авганистанскиот народ, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Заменик-премиерот на привремената Влада на талибанците, Абдул Гани Барадар, во своето обраќање на церемонија во главниот град Кабул рече дека резервите замрзнати во странство му припаѓаат на народот на Авганистан, а не на Владата.

Нагласувајќи дека парите замрзнати во странство не му припаѓаат на поранешниот претседател Ешреф Гани, Барадар рече дека светот е бесчувствителен по ова прашање.

Барадар смета дека влошувањето на економската состојба во земјата негативно ќе влијае на другите земји.

Наведувајќи дека САД се обидуваат да ѝ се одмаздат на неговата земја затоа што го напуштиле Авганистан, Барадар рече дека и сојузниците на САД сакаат економијата на земјата да биде проблематична.

„Економските проблеми во државата се зголемуваат од ден на ден, земјата со економски проблеми може да им наштети и на други земји, не само на себе“, нагласи Бирадер.

Од друга страна, Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) на 8 декември соопшти дека хуманитарната ситуација во земјата се влошува.

Откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан, странската хуманитарна помош за земјата е прекината.

Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Федералните резерви на САД, исто така, го прекинаа пристапот на Авганистан до меѓународните фондови.

Експертите предупредуваат дека земјата забрзано се движи кон економска катастрофа.

Американската администрација ги замрзна резервите на авганистанската Влада во американските банки.

Според податоците на Обединетите нации, се проценува дека 22,8 милиони луѓе, што е повеќе од половина од населението, ќе имаат проблеми да стигнат до храна во Авганистан оваа зима.


„Anadolu Agency“