Џамија во источниот германски град Лајпциг е вандализирана од екстремно-левичарските демонстранти, соопштија властите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„За време на собир на екстремно-левичарските групи синоќа во источниот дел на Лајпциг, некои од демонстрантите ја нападнаа џамијата „Ејуп Султан“ во истиот кварт и ги скршија прозорците“, се вели во соопштението на полицијата.
Според извештаите на локалните медиуми, мали групи насилни демонстранти, исто така, фрлале огномети и камења врз полицајците, палеле корпи за ѓубре и се обиделе да ги запалат паркираните возила во областа.
Полицијата соопшти дека уапсила 11 осомничени откако демонстрантите станале насилни.
Турско-исламската унија за верски прашања ДИТИБ, што раководи со џамијата „Ејуп Султан“ во Лајпциг, го осуди нападот и повика на посилна заштита на местата за богослужба.
Германија, земја со над 82 милиони жители, има втора по големина муслиманска популација во Западна Европа, по Франција. Меѓу речиси 5 милиони муслимани во земјата, 3 милиони се со турско потекло.
Anadolu Agency









