Говорејќи на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7, британската министерка за надворешни работи, Лиз Трус, предупреди дека Русија ќе се соочи со „масивни последици во случај на инвазија на Украина“.
Западните лидери се обидоа да извршат притисок врз претседателот Путин, по извештаите дека руските трупи собираат војници на границата со Украина.
Сепак, Русија соопшти дека е слободна да ги преместува своите војници во нејзините граници и дека нема намера да ја нападне Украина.
На виртуелниот самит со претседателот Путин, оваа недела, претседателот Џо Бајден се закани дека ќе воведе економски санкции кон Русија доколку ја нападне Украина. За време на самитот со Путин, американскиот претседател предупреди на „погубни“ економски последици за Русија.
Рускиот претседател рече дека неговата земја води „мирна надворешна политика, но дека има право да ја брани својата безбедност“. Путин рече дека пристапот на Украина во НАТО може да доведе до движење на европските сили кон источната граница.
Бајден рече дека САД и НАТО се подготвени да испратат повеќе војници на исток, истовремено предупредувајќи дека Путин „ќе плати ужасна цена“ доколку ситуацијата излезе од контрола. Американскиот претседател рече дека неговите сили ќе продолжат да обезбедуваат „одбранбени капацитети“ за Украина.
Во услови на зголемен притисок, американскиот Стејт департмент откри дека дипломатите ќе патуваат во Украина и Русија за да ги деескалираат тензиите.
Извештаите тврдат дека Русија распоредила 100.000 војници на границата со Украина. Руското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека НАТО треба да ги откаже плановите за вклучување на Грузија и Украина во европската воена алијанса. Сепак, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг решително ја одби поканата на Русија.
Столтенберг рече дека европските нации имаат право „сам да одлучуваат за својот пат“.
„Wion“
„Dubai-Portal“










