БЕРЛИН (АА) – Олаф Шолц утре треба да стане следниот германски канцелар, кога германскиот Парламент ќе гласа за неговата централно-левичарска коалициска влада, со што ќе заврши 16-годишното владеење на Ангела Меркел, јавува Агенција Анадолија (АА).

Шолц, кој беше вицеканцелар и министер за финансии во последните три и пол години, ќе стане 10-ти канцелар на Германија по Втората светска војна.

Идниот канцелар ќе ја предводи трипартиската коалиција на Социјалдемократската партија (СПД), Зелените и Слободната демократска партија (ФДП), позната и како „Семафор коалиција“ поради боите на нејзините партии: црвена, жолта и зелена.

Иако Шолц рече дека новата влада ќе биде континуитетна, идниот канцелар исто така ќе се соочи со неколку предизвици, меѓу кои и борбата против пандемијата на коронавирусот и климатските промени.

Шолц е четврти канцелар социјалдемократ во германската ера по Втората светска војна, по Герхард Шредер (1998-2005), Хелмут Шмит (1974-1982) и Вили Брант (1969-1974).

Роден во северозападниот германски град Оснабрик во 1958 година, Шолц израснал во пристанишниот град Хамбург каде што се заинтересирал за политика на рана возраст од само 17 години.

Шолц беше потпретседател на Јусос, левичарската младинска организација на социјалдемократите, од 1982 до 1988 година.

Продолжил со универзитетско образование, дипломирал на Правниот факултет во Хамбург и почнал да се занимава со право во 1985 година.

Искусниот политичар, со специјализација по трудово право, беше избран за социјалдемократски пратеник во германскиот Парламент (Бундестаг) во 1998 година.

Откако вршеше различни високи позиции во партијата во изминатите 20 години, Шолц ја презеде функцијата генерален секретар на СПД во 2002-2004 година, покрај тоа што беше потпретседател од 2009 до 2019 година и привремен претседател два месеци во 2018 година.

Шолц, кој беше избран за премиер на сојузната покраина Хамбург во 2011 година, се повлече од политиката на федерално ниво, но ги задржа врските со Берлин продолжувајќи ја својата позиција како заменик-претседател на СПД.

Тој стана кандидат за копретседател на СПД со Клара Гејвиц во 2019 година, но ја загуби битката од Саскија Ескен и Норберт Валтер-Борјанс.

Шолц, кој беше прогласен за „најпопуларен политичар социјалдемократ во земјата“ на анкетите, беше номиниран за канцелар од СПД во 2020 година.

Anadolu Agency