ВАШИНГТОН (АА) – Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки истакна дека САД ќе ги искористат сите дипломатски средства за да ја решат руско-украинската тензија и дека доколку Русија ја нападне Украина, воената интервенција не е нивен прв избор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Псаки на дневниот брифинг одговараше на новинарски прашања.
Наведувајќи дека американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин ќе разговараат преку видеоконференција, Псаки рече дека главна тема на разговорот ќе биде масовноста на руските војници на украинската граница.
Псаки истакна дека Бајден ќе го предупреди својот руски колега за последиците од инвазијата на Украина и дека ќе повика на дипломатија. „Време е Русија да се повлече од украинската граница и да следи дипломатски патишта“, додаде Псаки.
На новинарско прашање дали САД би биле воено вклучени во регионот доколку Русија ја нападне Украина, Псаки одговори: „Ова не е нашиот прв избор.“
На брифингот во однос на „контроверзниот“ Самит за демократија на Бајден што ќе се одржи на 9 и 10 декември, новинар го постави прашањето: „На овој самит се поканети Филипини и Пакистан, кои имаат проблеми со човековите права, зошто Унгарија, која е членка на ЕУ, и Турција, членка на НАТО, не се поканети?“
Наведувајќи дека Самитот е можност претставниците на американската влада да ја бранат демократијата со лидерите на граѓанското општество и странските лидери, Псаки рече: „Вклучувањето или поканата за овој Самит не значи дека пристапот на гостите кон демократијата е одобрен. Од друга страна, невклучувањето на овој Самит не значи и незадоволство.“
Anadolu Agency








