ДОХА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на дводневната посета на Доха ја посети и Командата на здружените сили на Катар и Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).

Обраќајќи им се на присутните, Ердоган истакна дека Турција заедно со Катар придава големо значење на мирот и безбедноста во целиот регион на Персискиот Залив.

„Ние се стремиме да ја подобриме нашата соработка со земјите од Заливот врз основа на заемен интерес и почит. Не сакаме да видиме тензии, конфликти и непријателство во овие земји. Сакаме оваа прекрасна географска област, што има огромен потенцијал во однос на подземните ресурси и трговијата, да дојде до израз со своето братство и солидарност и да се развива и зајакнува во секоја смисла“, рече турскиот претседател и додаде:

„Без разлика на потеклото, мезхебот или религијата, сите народи во Заливот се наши вистински браќа“, рече тој.

Ердоган истакна дека Турција и Катар имаат и многу добри економски и трговски врски.

„Ние им ја даваме потребната поддршка на нашите браќа од Катар кои придонесуваат за растот на Турција врз основа на инвестиции, вработување, производство и извоз. Катар отсекогаш бил со нас во моментите на шпекулативни напади врз турската економија и ја покажал својата доверба во нашата земја“, рече Ердоган.

Тој исто така посочи дека никогаш нема да ја заборави солидарноста што ја покажале граѓаните на Катар со турскиот народ за време на обидот за крвав пуч на 15 јули 2016 година. Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.

Турските и катарските власти денеска потпишаа 15 нови договори за унапредување на соработката меѓу двете земји.

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и катарскиот емир, Тамим бин Хамад ал Тани, присуствуваа на церемонијата на потпишување договори во повеќе области, како трговијата, инвестициите, развојот, културата, младите, спортот, дипломатијата, здравството, верските прашања и медиумите.

По церемонијата на потпишување беше одржан свечен ручек на кој присуствуваа Ердоган и Ал Тани, како и делегациите од двете земји.

Ердоган и Ал Тани денеска треба да присуствуваат и на седмиот состанок на Врховниот стратешки совет на Турција и Катар.

На покана на Ал Тани, турскиот претседател вчера допатува во дводневна работна посета на Доха, главниот град на Катар.

Anadolu Agency