Траги од истекување на гориво се гледаат на 300 мести од местото на несреќата каде изгоре македонскиот автобус на патот „Струма“ во Бугарија. Ова го констатирала инспекцијата на ресорното министерство, објаснила министерката за регионален развој на Бугарија, Виолета Комитова во гостувањето во емисија на бугарската Нова ТВ.

Таа во емисијата ги посочува и вчерашните презентирани наоди дека тој дел од делницата, всушност не е автопат како што се сметал туку обичен меѓуградски пат.

„До пред некој ден не знаев дека тој дел од ’Струма‘, каде се случи тешката несреќа, не е автопат, туку обичен широк меѓуградски пат. Со голо око сите гледаме дека патот е добар, но со голо око не можеме да ги почувствуваме падините на него“, вели министерката.

Таа потсетува и дека за овој пат не е завршена целосна експропријација на земјиштето, како и дека според проектот максималната дозволена брзина на делницата треба да е 90 километри на час, а не 120 како што била поставена.

Комитова и вчера на прес-конференција на која детално ги презентираше наодите од инспекцијата рече дека иако патот има недостатоци, сепак тоа не е причината за жртвите. Тие загинале, рече таа како резултат на пожарот.

„Наводно, несреќата не била со голема брзина, но избувнал пожар. Имаме многу чуден настан – пожар, што мислам дека е главната причина за жртвите. Немаме објаснување како точно изгоре овој автобус“, рече вчера Комитова.


„360 stepennil“