Светската здравствена организација (СЗО) вечерва соопшти дека се уште не е познато дали новиот вид на корона вирусот омикрон е поопасен од претходните. Тоа што се уште е непознато не ги спречи медиумите да шират паника и да донесат дополнителен страв кај и онака исплашениот народ, а владите се чини дека имаа желба да воведат нови мерки. Не е познато дали е позаразна во однос на претходните варијанти, особено во однос на доминантната делта.

СЗО наведува дека истражувачите во Јужна Африка, каде за прв пат се појави сојот, и остатокот од светот, спроведуваат студии со цел подобро да ги разберат сите аспекти на омикронот, објави веб-страницата на СЗО. „Бројот на заразени луѓе во Јужна Африка расте во областите погодени од овој вид, но во тек се епидемиолошки студии за да се утврди дали тој број се должи на омикрон или други фактори. Сè уште не е познато дали овој вид предизвикува поопасен тек на Ковид. Прелиминарните податоци покажуваат дека има зголемен број на хоспитализации во Јужна Африка, но тоа можеби е затоа што бројот на пациенти во светот се зголемува, а не поради омикрон. Засега нема информации дека симптомите поврзани со омикрон се различни од другите соеви“, се додава во соопштението.

СЗО посочува дека прелиминарните резултати покажуваат дека може да има зголемен ризик од реинфекција поради омикрон, но информациите се ограничени. Кога станува збор за вакцините, СЗО ја нагласува соработката со технички партнери ширум светот за да се разбере потенцијалното влијание на соевите врз постоечките контрамерки, вклучително и вакцините.