САРАЕВО (АА) – Група пратеници во Европскиот парламент испратија писмо до министрите за надворешни работи на државите членки на Европската Унија во кое повикуваат на воведување санкции против членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик и други лица одговорни за нарушување на Дејтонскиот мировен договор, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во писмото се наведува дека Босна и Херцеговина се соочува со најтешката политичка криза од крајот на војната, директно предизвикана од дејствувањето на членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и неговиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД).

„Противуставниот бојкот на легитимните државни институции, од страна на партијата воведен минатиот јули поради усвојувањето на Законот за негирање на геноцидот, е спроведен како прв чекор во конкретизирањето на неговата сецесионистичка агенда за Република Српска“, се наведува во писмото, со појаснување на иницијативата на Додик за повлекување на ентитетот од бројни институции.

„Неодамнешната најава за формирање војска на ентитетот Република Српска и провокативните паравоени вежби што ги изведоа полициските сили на РС во близина на Сараево покажаа дека господин Додик не се откажува и дека е подготвен да употреби сила за остварување на своите цели и дека се чувствува охрабрен од директната и индиректната поддршка на Србија и Русија, како и немањето одговор од ЕУ“, се додава.

Исто така, се наведува дека БиХ, 26 години по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, сè уште е во голема мера под меѓународен надзор со институцијата на високиот претставник и воените сили на ЕУФОР, кои, како што се наведува, сè уште се потребни за надгледување на имплементацијата на Мировниот договор.

„Меѓутоа, овој меѓународен надзор носи голема одговорност. Одговорноста за активен и директен ангажман во БиХ за да ѝ се помогне на земјата на нејзиниот пат кон одговорна и функционална демократија. Тоа ја вклучува потребата од реагирање и од враќање на одредбите од Дејтонскиот мировен договор, во случај да постои закана за мирот преку уништување на територијалниот интегритет и воспоставените заеднички структури на земјата“, се наведува во писмото.

Истакнато е дека во последните месеци, меѓународната заедница, а особено ЕУ колективно, не ја исполнила оваа одговорност и дека не вовела никакви последици за сериозното кршење на Дејтонскиот мировен договор од страна на политичкото раководство на Република Српска.

Европратениците потсетуваат дека за ситуацијата во БиХ се разговарало на состанокот на Советот за надворешна политика изминатиот понеделник, но без конкретен и силен резултат, и дека заклучоците не ја покажале итноста на ситуацијата, како и дека одговорните за ситуацијата не се јасно именувани.

„Додик е охрабрен од таквиот недостиг на акција од страна на ЕУ, за што сведочи фактот што на првиот ден од состанокот тој го потврди продолжувањето на претходно наведеното гласање во Народното собрание на Република Српска“, се наведува.

„Очигледно е дека господинот Додик не е заинтересиран за изградба на демократски институции и инклузивна, единствена и мирна БиХ. Потребен е сериозен меѓународен притисок за да се запре во реализацијата на својата сецесионистичка етнонационалистичка агенда“, стои во писмото, и се додава:

„Затоа ве повикуваме да го поддржите воведувањето силни санкции против господинот Додик и сите други лица во или блиски до раководството на Република Српска кои се одговорни и/или го поддржуваат кршењето на Дејтонскиот мировен договор. Ова е единствениот одржлив начин за зачувување на мирот и територијалниот интегритет на БиХ. Со едноставно продолжување на дијалогот со овие лидери, од кои еден отворено се заканува со сецесија, без соодветни последици, ЕУ де факто дозволува кршење на Дејтонскиот мировен договор, а со тоа и суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ“, се наведува.

Европратениците повикаа на итно спроведување на Одлуката на Советот (CFSP) 2021/543 од 26 март 2021 година за измена на Одлуката 2011/173/ЗНБП за рестриктивни мерки, со оглед на ситуацијата во Босна и Херцеговина, која е креирана со цел санкционирање на поединци чии активности го загрозуваат суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок и меѓународниот субјективитет на Босна и Херцеговина, како и санкционирање на други поврзани лица.

Писмото е потпишано од претставници на Зелените/Европскиот слободен сојуз (EFA), Реинхард Бутикофер, Тинеке Стрик и Ромео Франц, пратеник на Европската народна партија (EPP) Мајкл Галер и известувачот за БиХ, Пауло Рангел, од истата партија, пратеници на Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите Тонино Пикула и Дитмар Костер и Хилда Вотманс и Клемен Грошељ од пратеничката група „Обнови ја Европа“ (Renew Europe).

Државите членки на ЕУ на 15 декември ќе одржат седница на која ќе одредат евентуални санкции.​​​​​​​

Anadolu Agency